Евролигата попладнево му рече „не“ на обидот на НБА да го преземе најсилното европско кошаркарско натпреварување. Претставниците на 13-те клубови ко-сопственици на Евролигата се изјаснија против понудата што пристигна од другата страна на океанот.

Иако темата не беше формално на дневен ред, функционерите мораа да разговараат за неа, бидејќи одговорот до американската лига требаше да биде доставен до крајот на денот. Тој одговор беше категоричен.

Со постојниот модел на работа Евролигата расте од година во година и, според проценката на акционерите, не ѝ е потребна никаква надворешна помош за да го продолжи својот развој. Точниот износ што НБА им го понуди на акционерите не е обелоденет.

Сепак, едно е јасно, сумата воопшто не беше доволна за двете страни да седнат на преговарачка маса. Според акционерите, понудата беше далеку под реалната вредност на натпреварувањето во овој момент, па немаше ни основа за сериозна дискусија.

Претседателот на Барселона, Џоан Лапорта, понудата ја нарече „смешна“, додека претставникот на Басконија, Хозе Антонио Керехета, ја оцени како „навредлива“.

На средбата свои ставови изнесоа и Хозе Анхел Санчез од Реал Мадрид, Лео Дел’Орко од Армани, Шимон Мизрахи од Макаби, Тунчај Озилхан од Ефес, Андреј Ватутин од ЦСКА Москва, Херберт Хајнер од Баерн, Тони Паркер од Авел, Паулиус Мотијеунас од Жалгирис и Дерија Жаниер од Фенербахче. Со ова одбивање Евролигата недвосмислено порача дека сака сама да ја крои својата иднина, без влијание на странски фактор.

- [makfaks] Евролигата ја одби понудата од НБА