Карлос Тевез, поранешниот аргентински репрезентативец, подготвува проштален натпревар на легендарната „Ла Бомбоњера“ во Буенос Аирес и на списокот со желби ги става двете најголеми имиња на последните две децении.
Тевез сака на теренот да ги собере ѕвездите со кои делел соблекувална во текот на кариерата, но најголемата амбиција му е друга. Лионел Меси и Кристијано Роналдо да заиграат рамо до рамо, во ист дрес, за првпат откако двајцата станаа мерка за сè во модерниот фудбал.
Терминот е веќе ставен на хартија.
Натпреварот би се одиграл на 19 декември оваа година, а претседателот на Бока Јуниорс, Хуан Роман Рикелме, дал начелна согласност стадионот да биде отстапен за настанот. Изборот не е случаен, „Ла Бомбоњера“ е храмот на клубот каде што Тевез изгради име пред да тргне во Европа.
Доаѓањето на Меси и Роналдо сè уште не е потврдено.
Организаторите допрва треба да стапат во контакт со двајцата и да ги усогласат нивните обврски, а во декември и двајцата се во средина на сезона со своите клубови.
Доколку замислата се оствари, настанот би надминал рамки на обичен проштален натпревар и би прераснал во глобален спектакл каков што фудбалот ретко го нуди.
Засега останува само идеја со силен потенцијал. Следен чекор е потврда од таборите на двајцата играчи, по што ќе се знае дали декемвриската вечер во Буенос Аирес навистина ќе го донесе дуетот што светот одамна го сонува.
- [sport1] Спектакл кој цел свет би сакал да го види: Роналдо и Меси во ист тим!