Еден од најуспешните француски кошаркарски клубови во последната деценија престанува да постои. АС Монако Баскет објави дека покренува постапка за стечај и ги прекинува активностите, откако повеќе не е во состојба да ги подмирува своите финансиски обврски.

Од клубот признаваат дека и покрај сите напори не успеваат да ги извршат плаќањата. Раководството не го затвора целосно проектот, туку остава отворена врата за враќање преку реорганизација и евентуален рестарт некаде во иднина.

Кога точно би можело да се случи тоа, од Монако не прецизираат. Во соопштението стои само надежта дека „тимот Рока“ еден ден повторно ќе истрча на паркетот во салата „Гастон Медесан“.

Со овој чекор, барем засега, завршува приказна долга 12 години, во која малечкото Кнежевство се изгради во сериозно име на француската и европската сцена. Во тој период Монако собра богата трофејна колекција дома, со титули во првенството, национални купови и Суперкуп.

Најголемиот успех дојде во 2021 година, со освојувањето на Еврокупот. Тоа беше прва европска титула во некој тимски спорт во историјата на Кнежевството и потврда дека клубот прераснал во нешто повеќе од локален проект.

Потоа следеше и најсилниот период на европско ниво. Монако двапати се пробиваше до Фајналфорот на Евролигата, а еднаш застана дури во финалето на најелитниот континентален натпревар.

За француската кошарка ова е голем удар.