Доналд Трамп вчера му го врачи Националниот медал за наука на Илон Маск, највисокото американско признание за научни и технолошки достигнувања. Свеченоста се одржа во Институтот за мир во Вашингтон, а медали добија и други фигури од технолошкиот сектор, коосновачот на „Google“ Сергеј Брин, директорот на „Nvidia“ Џенсен Хуанг и шефицата на „AMD“ Лиса Су.
Во обраќањето пред гостите, Трамп Маск го нарече индустриски титан и „наш современ Томас Едисон“. Рече дека малкумина Американци во историјата направиле повеќе за националните интереси на земјата и дека неговиот гениј и решителност ја претвориле научната фантастика во реалност.
„Илон, честитки. Пријатели сме и сè тоа, но ти си навистина посебен човек“, додаде претседателот.
Според образложението на Белата куќа, директорот на „SpaceX“ го добива признанието за инженерски достигнувања со исклучителна амбиција и обем, кои ги поместиле границите на истражувањето на вселената, интелигентните системи и комуникациите. Во истиот документ се наведува дека со тоа е вратено американското технолошко лидерство и е отворено ново поглавје во производството.
Пофалбите доаѓаат по период на турбуленции меѓу двајцата. Маск му се придружи на Трамп во завршната фаза од кампањата, а по враќањето во Белата куќа во јануари 2025 година ја презеде улогата на шеф на Одделот за владина ефикасност, каде предводеше иницијатива за построга штедливост во администрацијата.
Односот се распадна откако Маск јавно го нападна буџетскиот предлог-закон наречен „Еден голем, прекрасен закон“, што прерасна во остар и личен судир. Во последниве недели Маск повторно се најде во најтесниот круг на претседателот.
Тој треба да стане ко-лидер на проектот „Меридијан“, покренат на барање на Министерството за одбрана, кој ќе ја проучува иднината на војувањето. Задачата е да се идентификуваат оружјата и технологиите што американската војска треба да ги развие, со конкретни решенија за нивно тестирање и примена на терен.
Извори: [makfaks] (Видео) Трамп му врачи на Маск медал за наука: „Тој е нашиот современ Томас Едисон“